Долготрајниот престој надвор веќе долго време претставува дел од културата и целите на образовните системи ширум Европа и пошироко. Ова е особено забележително во скандинавските земји. Кај нив времето не претставува пречка за да се биде надвор. Тие живеат со максимата дека „Не постои такво нешто како лошо време“. Подготвени се за престој надвор во секакви услови. Ќе речеме дека тие тоа мораат да го сторат, имајќи во предвид дека времето кај нив е често облачно и врнежливо. Но, има ли и подлабоки причини за секојдневен престој надвор, особено на децата?

Наставната програма за предучилишни установи во Данска, на пример, озаконета во 2004 година опфаќа шест области на учење:
● Сеопфатен личен развој
● Социјален развој
● Јазик
● Тело и движење
● Природа и природни феномени
● Културно изразување и вредности

Во рамките на овие шест области, педагозите мора да олеснат четири процеси на учење: „да се биде во можност“, „да се искуси“, „да се ужива“ и „да се разбере“. Природната средина целосно го поддржува сето ова. Па така, за да можат да развијат физички вештини, на децата им требаат можности да се качуваат, да скокаат, да трчаат. Тие развиваат позитивна слика за себе, бидејќи можат да се „тестираат“ преку физичките активности. Во природа тие исто така можат лесно „да искусат“ и „да уживаат“. Искусуваат чувства на радост, среќа, страв, уживаат во сетилните искуства - мирис, звук, вкусови и текстури што се во надворешна околина. Седејќи околу оган, чувствувајќи ја топлината на огнот во студен ден, слушајќи ги дрвјата што шумолат на ветрот и вкусувајќи ја ужинката која ја подготвуваат, им дава задоволство и уживање, што е дел од процесот на учење. Природата им нуди на децата и „да ​​разберат“, затоа што околината на отворено е природна сцена каде децата можат да научат за  некои основни „мистерии“ на животниот циклус, да научат за етиката и моралот, сочувството и така натаму. Едукаторите во Данска веруваат дека овие четири процеси на учење се клучни за детето  да ги развие вештините и компетенциите за да биде целосен човек.


Доказите дека децата кои секојдневно се на отворено, преку целата година, имаат придобивки од нивното учење и развој, се документирани во Скандинавија повеќе од 20 години, а неодамнешните студии во Велика Британија ги потврдуваат наодите, кои вклучуваат дека:
● Детската самодоверба ја развиваат тие што имаат слобода, време и простор поминат во природа за да учат и да покажат независност.
●Социјалните и емоционалните вештини се зголемуваат со тоа што децата поминувајќи време во природа стануваат посвесни за последиците од нивните постапки врз врсниците и околината.
● Мотивацијата и концентрацијата се развиваат од фасцинацијата на децата со природата, тие се повнимателни, имаат подобра меморија.
● Физичките вештини се подобруваат со тоа што децата се на отворено, тие имаат подобра рамнотежа, агилност и сила.

Откриено е дека децата кои секојдневно поминуваат доста време надвор значително
помалку настинуваат, имаат подобри моторни вештини и се повнимателни.


Се повеќе истражувања исто така се присутни кои потврдуваат дека долготрајниот и секојдневен престој во природа кај децата ги намалува ефектите од разни психолошки нарушувања и заболувања на новото време, особено на АДХД (синдром на недостаток на внимание и хиперактивност). Едно такво истражување докажало дека децата можеле подобро да се концентрираат и да ги завршат домашните задачи по 20 минути прошетка во парк. За разлика од тоа, овие резултати не биле потврдени кај децата кои учествувале во 20 минути прошетка во урбана средина (трговски центар, улица и сл). 


Активностите на децата надвор се особено популарни кај родители кои и самите уживаат во животот на отворено. Тие сметаат дека е одлично што децата се надвор на свеж воздух наместо внатре каде воздухот е исполнет со микроби, а исто така во природа децата трошат и многу од вишокот енергија.

Споредено со скандинавија и делови од Европа и светот, движењето на она што значи голем дел од денот да се помине надвор, секој ден, кај нас се одвива бавно. Сепак, треба да се обидеме и да ги охрабрите негувателите и наставниците да бидат надвор со децата што е можно повеќе во текот на денот. Уште поважно, овозможете времето по училиште на Вашето дете да биде исполнето со многу искуства на отворено.